Македонија ќе ја почне 2020 година од истата позиција на која ја заврши 2019-та!

Македонската фудбалска репрезентација ќе ја започне оваа 2020 година од истата позиција на која заврши во изминатата 2019 година, 68-то место на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), објавија специјализираните страници за ранкинг, повеќе од еден месец пред официјалното објавување на првата годинешна листа.

ФИФА ќе ја објави првата годинешна листа на 20 февруари, а нашето останување на 68-то место најмногу се должи на фактот дека нема преголема активност на репрезентациите во овој прв месец од новата година, па во најголем дел сите селекции ќе останат на истите позиции, со мали промени, па прво сериозно поместување ќе има во април, откако ќе завршат мартовските баражи, ќе се играат пријателски мечеви, но ќе има и квалификации на другите континенти.

За разлика од лани, кога Макеоднија тргна во годината со пад, овојпат остануваме на местото на кое две години по ред завршуваме, со надеж дека во април ќе напредуваме сериозно откако на најубав можен начин ќе го минеме мартовскиот плејоф-бараж од Лигата на нации за пласман на ЕП и ќе се избориме за историски прв настап на големите натпреварувања.

На врвот на листата нема да има никакви промени, па Белгија ќе остане лидер пред Франција, Бразил, Англија, Уругвај, Хрватска, Португалија, Шпанија, Аргенина и Колумбија. Од нашите потенцијални ривали во мартовските баражи, првиот во полуфиналето Косово ќе остане на 115-то место, додека потенцијалните во финалето Грузија односно Белорусија ќе останат на 91-то односно 87-то место на ФИФА-листата.