Хориха: Ја учам македонската химна, подготвен сум да ѝ помогнам на репрезентацијата

Дмитро Хориха започна ново поглавје во својата ракометна кариера. Бекот на ПИК Сегед го доби првиот повик за македонската репрезентација и денеска се приклучи на националниот тим, кој ги започна подготовките за претстојните квалификациски натпревари.

За украинскиот ракометар ова е посебен момент, а тој не ја крие желбата што побрзо да се вклопи во селекцијата и да помогне во остварувањето на репрезентативните цели. Свесен е дека нема многу време за подготовка, но најавува максимална посветеност секогаш кога ќе го добие повикот.

Хориха во своето прво обраќање се потсети и на периодот поминат во Вардар, откривајќи дека токму скопскиот клуб има голема улога во неговото поврзување со Македонија. Тој ја забележува поддршката од македонските навивачи, а откри и дека веќе ја учи химната на нашата држава.

„Ова е мојот прв повик во македонската репрезентација и за мене претставува голема одговорност. Сакам да покажам дека сум подготвен и да му помогнам на тимот. Немаме многу време за подготовки, но на секој натпревар ќе го дадам максимумот. Би сакал да им се заблагодарам на сите македонски навивачи. Вардар е причината поради која ќе настапувам за Македонија, а поддршката од овдешните фанови ја чувствувам и денес. Сакам да играм за оваа репрезентација и секогаш ќе доаѓам кога ќе бидам повикан.

Знам дека ќе има притисок, но верувам дека ќе успеам да се справам со него. Ракометот и атмосферата во Македонија се многу поразлични од она што го имам почувствувано во Украина“, изјави Хориха.

Македонската репрезентација утре треба да биде комплетирана, по што ќе започне со подготовките за дуелите против Луксембург и Грција во квалификациите за Европското првенство.