Гаје го спаси лидерот: Шкендија преживеа драма во Штип, Николов промаши пенал во 94. минута! (ВИДЕО)

Шкендија освои три исклучително важни бода на гостувањето во Штип, совладувајќи ја Брегалница со 2-1 во возбудлив натпревар од 12. коло во Првата македонска фудбалска лига. Тетовци беа на чекор да ја испуштат победата во самиот финиш, но голманот Гаје излезе вистински херој откако одбрани пенал во 94. минута.

Гостите тргнаа фуриозно и поведоа уште во третата минута. Фахд Ндзенгуе ја искористи раната можност за да ја затресе мрежата на домаќините и да го запише својот шести погодок во тековното првенство.

Брегалница не се предаде и постепено почна да презема иницијатива. Наградата за поофанзивниот пристап пристигна во 39. минута, кога Кристијан Стојковски со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го совлада Гаје и донесе израмнување од 1-1. На паузата двата тима заминаа со нерешен резултат.

Во продолжението се водеше голема борба, без многу чисти можности за погодок. Пресвртот во корист на Шкендија дојде по измените на тренерот на тетовчани. Бесарт Ибраими, кој влезе во игра, одлично го проигра Марко Ѓорѓиевски, а овој во 70. минута ја испрати топката во мрежата за 1-2. За Ѓорѓиевски тоа беше прв првенствен гол сезонава, додека Ибраими ја забележа четвртата асистенција.

Кога се чинеше дека Шкендија рутински ќе го приведе натпреварот кон крајот, следуваше вистинска драма. По една од последните акции на домаќините, судијата Влатко Илиоски досуди пенал, а одлуката беше потврдена и по проверката во ВАР-собата. Одговорноста ја презеде Иван Николов, но неговиот удар од белата точка не заврши во мрежата. Гаје ја прочита намерата на противникот, одбрани и ги зачува трите бода за тетовскиот тим.

Со овој триумф Шкендија стигна до 28 бода и останува лидер на првенствената табела. Брегалница, пак, останува на седмата позиција со 13 освоени бода.