Косовскиот селектор пред доаѓање во Македонија се пожали - лош бил системот за баражи!

Нешто повеќе од еден месец остануваат до историската пресметка во трка за место на Евро 2020 помеѓу Македонија и Косово на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје (20.45 часот), закажан за 26 март, а селекторот на северниот сосед Бернард Чаландес како да почна да си бара алиби за евентуален неуспех со косовската селекција.

Тој во интервју истакнал дека е незадоволен од системот за плејоф во Лигата на нации преку кој победникот од Д-дивизијата ќе оди на Евро 2020. Косово во овие баражи двапати ќе игра на гости и тоа не му се допаѓа на Чаландес, најмногу поради тоа што навивачите не можеле добро да се организираат.

„Навивачите во петок треба да најдат нешто, а веќе во сабота да тргнат за Тбилиси или Минск. Не е добра организацијата на УЕФА. Ова требаше да се органзиира во една зеја, на пример во Австрија или Швајцарија. Таму ќе беше подобро. Плус, косовската дијаспора ќе го наполнеше стадионот. Сега имаме само фрустрирана публика, а така ќе имавме 100.000 побарувања за билети“, вели селекторот на Косовците.

Се пожали дека е тешко се организира сè за овие баражи со две гостувања, посебно ако ја поминеле Македонија, па ќе треба да гостуваат во Белорусија или Тбилиси.

„Нашиот тим-менаџер веќе е во Белорусија, па ќе оди за Тбилиси. Треба да имаме дупли резервации, за двете земји, двојно букирање на хотели, на авионски летови, а сето тоа може да биде за ништо ако испаднеме“, додава тој.

Сепак, идејата со Лигата на нации ја пофали, дека била добра, зашто нудела шанса за развој на косовскиот фудбал.

„Добро е за развојот, за искуството кое го стекнуваме и за сонот кон ни се укажува и може да стане стварност да бидеме дел од Евро 2020“, вели Швајцарецот.