И Грузија сака убедлива победа – брка гол-разлика за да биде домаќин во баражот!

Ако за Македонија убедлив триумф во Тбилиси е единствена опција за сама во последното коло да решава за првото место во групата во Лигата на нации и да има сигурен бараж за Еуро 2024, еден вид императив и за Грузијците е триумф со повисока разлика зашто целта е да бидат домаќини барем во полуфиналниот бараж.

Турција после ремито со Луксембург (3-3) и Казахстан после победата над Белорусија (2-1) се веќе сигурно први, одат во Б-дивизијата и имаат обезбеден бараж за Европско. Грција, пак, е на само чекор до такво нешто после максималните 12 бода во јуни. Грузија која е лидер во нашата група има 10 бода од четири места.

И во ситуација во која Грците се во најдобра позиција за да бидат меѓу најдобрите две од првопласираните, на Турција и Казахстан кои имаат по 13 бода и меч до крајот се шансата за Грузијците да ги надминат, ако запишат две победи, но ќе им треба да ја набилдаат гол-разликата за да бидат пред нив.

Турција има 17-3, а Казахстан е најслаб со 8-3. Грузија е со гол-разлика 12-2, па медиумите кај нашиот денешен противник, ја открија целта која е што поголеми победи денеска со Македонија и во понеделник со Грузија за да бидат домаќини во полуфиналниот бараж за Европското првенство во Германија.

Грузија си има свои, а Македонија свои сметки, па на избраниците на Благоја Милевски е да им ги расипат домашните пресметки и црвено-жолтите да останат во трката за првото место, кое ако го достигнеме секако ќе ни донесе бараж со две гостувања како во март во мундијалскиот циклус.