Хапоел Тел Авив барал Спировски да има лекарски прегледи пред мечот со Израел

Израелски Хапоел Тел Авив побарал од раководството на ФФМ и селекорот Игор Ангеловски, репрезентативниот фудбалер за врска Стефан Спировски денеска пред мечот со Израел да ги има лекарските прегледи за да се комплетира најавениот трансфер од Ференцварош.

Израелските медиуми објавија дека Хапоел барал дозвола за денеска да ја завршат целата процедура, но тешко дека сето тоа ќе се случи, зашто Спировски, кој би требало мечот да го почне од клупата, треба да биде сконцентриран на настапот за црвено-жолтите, па затоа верoјатно утре ќе се заврши целиот трансфер. Најавите од Израел се дека Спировски утре ќе добие „слободно“ од селекторот Ангеловски да ги заврши формалностите, а потоа да им се приклучи на колегите од репрезентацијата во Рига, каде в понеделник Македонија ја очекува вториот дуел од овој септемвриски циклус во евроквалификациите.

Според информациите, Спировски во Хапоел Тел Авив треба да потпише едногодишен договор со опција за уште една година и ќе има плата од 150.000 евра, но ќе добиел 20.000 евра грант за потписот, а во втората година платата би му била 165.000 евра. Наводно веќе сè е договорено со Ференцварош, па сега се чекаат само формалностите со раскинот на договорот на битолчанецот со клубот од Будимпешта за потоа брзо да ја заврши процедурата со Хапоел.

Спировски имаше проблеми со коленото поради кое не играше речиси десет месеци, зимоска имаше и операција на повреденото колено, а на фудбалските терени се врати пред две недели и тоа со погодок во поразот на Ференцварош со 1-4 од Пушкаш Академија. Но, во Будимпешта, македонскиот репрезентативец е во втор план, па заминувањето во Израел е одлука за да има многу поголема минутажа.