Футсалците без Де Соуса во двомечот со фаворитот Србија

Македонската футсал репрезентација без еден од своите најдобри играчи Даниел Де Соуса ќе мора да ѝ се спротивстави на фаворизираната Србија во двомечот од квалификациите за пласман на ЕП 2022, откако селекторот Васко Скендеровски денеска го објави списокот на кој уште два играчи се неизвесни за настап, иако се наоѓаат на истиот.

Македонија во минатиот месец загуби на гости од БиХ со 1-2, а потоа ремизираше дома 2-2 со Романија, а Србија изненадувачки загуби од Босанците, па сега пред футсал селекцијата е предизвикот против „орлите“ да се избори за добри резултати. Првиот меч е веќе во петок во Врање, а вториот три дена подоцна во ЦС „Јане Сандански“.

Дарко Ранготов и Иван Крстевски се футсалците кои се неизвесни дали ќе играат, но се наоѓаат на спискот на Скендеровски, кој најавува дека и со овие проблеми, Македонија нема да се откаже од намерата да изненади

„Нѐ очекуваат два исклучително тешки натпревари против петтата најдобра селекција во светот. Хендикеп за нас е отсуството на еден од нашите најдобри играчи, Даниел Де Соуса, како и повредите на Крстевски и Ранготов. Исто така, поради Ковид протоколите тимот се комплетираше пред два дена, но се додека постојат шанси нема предавање и ќе се обидеме да направиме изненадување на овие два натпревари со што би ни се отворил патот за Европското првенство. Како што ветив и минатиот пат, продолжува трендот на подмладување. На овој собир вклучивме тројца дебитанти за да ја почувствуваат атмосферата во националниот тим. Овие натпревари се голем притисок за Србија, освоија само бод, а беа посочени како топ фаворити во групата и можеби тука е нашата шанса за изненадување“, вели Скендеровски.

Голмани: Антонио Петровски (СК Проект Цујо), Иван Стојановски (Шкупи);

Одбрана: Реџеп Сулејмани (Шкупи), Таулант Исмаили (Арбен Бајрами), Ферид Агуши (Шкупи), Драган Петровиќ (Шкупи), Орхан Ибиши (Приштина Мабетекс, Косово), Харис Омеровиќ (Арбен Бајрами);

Напад: Иван Крстевски (СК Проект Цико), Игор Леовски (Славија Прага, Чешка), Адријан Мицевски (Бетон бојс, Германија), Дарко Ранготов (СК Проект Цико), Мартин Калчевски (Велес), Петар Даиловски (Железарец), Еркан Сефери (Шкупи), Јакуп Рамадани (Арбен Бајрами), Џокица Арсовски (Стуттгартер, Германија);