„Франција е прв фаворит за титулата, а Македонија ќе биде најпријатно изненадување!“

Ако некој многу добро ја познава македонската фудбалска репрезентација во душа, секако е Саша Ќириќ, поранешниот македонски репрезентативец и спортски директор кога младата селекција го скрши мразот со настапот на Еуро 2017, а потоа и спортски директор на А-тимот кога се градеше селекцијата која сега ќе дебитира на големата сцена – Европското првенство. Ќириќ за Спорт 1 ќе анализира на долго и широко за првиот историски настап на Македонија, но севкупно за случувањата на 16-иот континентален шампионат.

Дебитанти сме, но не сме фаворити (ха, ха). Ќе бидеме пријатно освежување и изненадување на ова Европско првенство. Претпоставувам дека сите нѐ сметаат за аутсајдери, ама мислам дека пријатно ќе изненадиме.

Генерално гледано повеќе репрезентации на ова Европско се фаворити, меѓутоа мои лични размислувања е дека од тројката Шпанија, Франција, Германија ќе се бара тој освојувач на пехарот. Франција е ете некој мој фаворит, но на вакви турнири сѐ е можно. Германците не се изразити фаворити, но знам дека се мајстори за вакви турнири. Знаат да ја натемпираат формата како што треба баш за вакви настани. Ние успеавме да ги победиме во март, севкупно тие и со Романија и Исланд во другите мечеви одиграа слаби мечеви, ама убеден сум дека ќе нагазат од стартот, како што нагазија со Летонија (победа од 7-0 – н.з.). Шпанија е традиционално силна со нивната игра и очекувам да дотуркаат далеку.

Многу ме интересираат Англичаните, вечно се некои фаворити, а од 1966 година (светската титула – н.з.) немаат ништо направено, а постојано ги ставаат меѓу фаворитите. Успеваат да дојдат до полуфинале и потоа постојано кикснуваат. Тие може да се некоиј притаен фаворит, но сепак мислам дека од тројкава ќе се бара новиот европски првак.

Изминатава година се сложувам дека фудбалерите некако се преоптоварени со мечеви, играа во постојан ритам на три дена, но сите фудбалери, а и врвните екипи знаат како да одморат кога е потребно, но имаат и големи ростери, така да тие се навикнати да играат на тој некој принцип среда-недела, најголемиот дел од играчите играат во Лига на шампиони, Лига Европа, играат завршници и не им е непознат овој ритам, па знаат добро да ги распределат силите, не се замараат со тренинзи – сѐ оди меч, рекуперација, нов меч итн. Горе доле, овој ритам не треба да биде некој поголем проблем, ниту ќе влијае на квалитетот на фудбалот, но можеби за послабите селекции кои немаат играчи во врвните лиги може да биде помалку проблематично.

Еве за, Македонија и нашата група, а дај боже да ја поминеме, нѐ чекаат три меча во осум дена, но мислам дека нема да ни биде проблем да ги одиграме на високо ниво. Ние и во март имавме три меча во ист период, игравме на тој принцип, а брилјиравме. Трите ги одигравме на високо ниво и не се почувствува пад во играта. Нормално, кај еден-двајца можеби и ќе се почувствува, но тоа нема да биде проблематично.

Фудбалот напредува и еволуира, како и сѐ друго во животот, се надградува, доаѓаат нови системи, нови начини на тренинзи, нови начини на натпреварување со позгуснати календари. Фудбалски многу поразлично од мое време, кога фудбалот беше друго ниво, финансиски не толку експониран и експлоатиран, немаше многу пари, па се играше фудбал од љубов, дури и поостро, да не речам силеџиски, ама далеку поинаку. Имаше тогаш многу фантастични играчи, мој идол ми беше Марадона, кој знаеше да изеде бесконечен ќотек, а пак да помине, да направи шанса, да аисистира, да даде гол. Некако тој фудбал во минатото беше поатрактивен, би рекол – поромантичен. Сѐ некако тогаш беше насочено на фудбалот, а сега... Сѐ е на финансии, пари, маркетинг, се вложува многу, се троши на скапи трансфери, плати..., зашто клубовите знаат дека со маркетинг ќе покријат сѐ, фудбалерите ќе ги вратат инвестициите.

И системот на игра е поинаков, еве имаме веќе долг период на тика-така, кој лично мене не ми е по волја и не ми се допаѓа. Замара тој фудбал, делува успорено. Порано одиш фактерски, тргнуваш во напад и одиш до крај. Сега, имаш акција до шеснаесетник и ако нема идеја – врати до голманот. Мислам дека фудбалот изгуби на драж за гледање, но мора да се приспособиме и да го прифатиме тоа, како што реков – сѐ еволуира, па и фудбалот!

Европското првенство со 24 селекции, а сега и Лигата на нации придонесе некоја послаба селекциија да се пласира и да го почувствува Европското првенство. И за проширувањето, тоа што се вели разводнување на квалитетот, секој од своја гледна точка гледа. Големите и посилните не сакаат да се замараат со помали, не сакаат повеќе мечеви, помалите пак викаат ова е шанса за нас.

Ете, ние успеавме таа шанса што ни се укажа да ја искористиме. За Македонија овој настап на Европско многу значи. Многу значи што сме пласирани. Мислам дека уште од мое време, таму некаде пред крајот на бившата држава и воведните години од независносна, немало таква фудбалска еуфорија во Македонија како што има сега. Сега сите зборуваат за Европско, а пласманот е многу важен за комплетниот развој, сѐ повеќе деца ќе играат фудбал, но најмногу децата имаат свои домашни идоли. Порано, децата имаа еден-двајца идоли, а сега цела репрезентација им се идоли – дали Пандев, Елмас, Барди, Алиоски, Ристовски... Овој пласман е многу важен за мали средини како нашата, па и една Грузија, Ерменија, Косово беа во фудбалска еуфорија со шансата што им се укажа, а Македонија ја искористи.

Нормално е на големите вакво нешто да не им одговара, зашто не сакаат повеќе мечеви, сакаат со помалку напор да дојдат до одличја и таа борба на големите и малите вечно ќе остане. Суперлигата е најдобар пример за тоа, што е можно повеќе да зграбат од колачот (нај)големите. Јас сум поборник за ова зболемување, зашто колачот е многу голем и има за сите.

Македонија дебитира на Европско и морам да кажам дека сите мои очекувања со самиот пласман се – остварени. Јас сум задоволен што ние играме на Европско, но реков и погоре, мислам дека очекувањата ќе бидат и надминати. Велам ќе бидеме изненадување и ќе им го загорчиме животот. Без разлика дали ќе ја поминеме групата или не, овие момци ќе бидат херои. Па и со три порази, пак, ќе останат херои.

Кога беше ждрепката, на почетокот, имав поинакво размислување, си велев добивме неатрактивна, а тешка група. Австрија двапати нѐ победи, еднаш тотално нѐ надигра во Скопје, Украина е секогаш тешка, незгодна селекција, за Холандија не треба ни многу да се говори. Ама, како одминува времето, како доаѓа Европско, гледам дека постојат шанси за нас

Со Германија ние покажавме дека и со најголемите може да се носиме, не само фудбалски, ама и резултатски. И затоа сѐ е можно, јас сум позитивно расположен и оптимист. Лично очекувам една победа во групата, а ако освоиме четири бода – сигурно сме во следната фаза!