ФФМ одговори на прозивките со детално објаснување за цената на билетите со Шкотска!
Од ФФМ посочуваат дека од вкупниот капацитет на Националната арена „Тодор Проески“, кој изнесува околу 32.000 места, најголемиот дел од билетите за домашните навивачи се во пониските ценовни категории.
„Од вкупниот капацитет на Националната арена „Тодор Проески“ од околу 32.000 гледачи, дури 13.431 билет е со основна цена од 500 денари, односно со 35% попуст преку Магента, реалната цена за навивачот изнесува 325 денари. Дополнително, 3.000 влезници, согласно пропозициите на УЕФА, се наменети за гостинската репрезентација и нејзините навивачи по цена од 1.800 денари. Во оваа бројка не се вклучени тампон-зоните, што дополнително го намалува расположливиот капацитет за македонските навивачи.
Целата западна трибина е отстапена за најмладите фудбалери од Детската лига, нивните тренери и родители, како и за навивачките групи кои побараа присуство на натпреварот. Тоа не е исклучок само за овој натпревар, туку принцип што ФФМ го применува во текот на целиот циклус“, пишува, меѓу другото, во соопштението на ФФМ.
Од федерацијата реагираат на, како што наведуваат, паушалните коментари за цената на билетите и апелираат информациите да се проверуваат пред да се пласираат во јавноста.
Натпреварот Македонија – Шкотска се игра вечерва од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, во рамки на Лигата на нации.
Целото соопштение на ФФМ можете да го прочитате ТУКА.