ФФМ му го продолжи договорот на селекторот Милевски до 2026!
Според информацијата од Куќата на фудбалот, (не)популарниот сер Боби ќе остане на кормилото под истите услови како и досега.
„ФФМ, како и досега, ќе биде полна поддршка за селекторот Милевски и репрезентацијата. Се радуваме на новите предизвици и успеси. Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал“, напишаа од македонската федерација.
Милевски доби нов договор и покрај неуспешниот настап на жолто-црвените во квалификациите за ЕП 2024, во кои завршивме претпоследни на табелата со подобар скор само од Малта, а со шест бодови помалку во однос на Украина и Италија, а дури 12 од лидерот Англија. Но и покрај тоа, од ФФМ велат дека репрезентацијата била на вистински пат, најверојатно сметајќи на ремито со Англичаните (1-1) во меч без никакво значење за противникот и во ситуација во која тие на крајот славеа што никој не им се повреди на теренот на скопската арена.
„Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат. Во тимот се чувствува енергија и амбиција за нови големи резултати и уверени сме дека тоа е неверојатен мотив за работата во иднина“, стои во ставот на Управниот одбор на ФФМ.
Новиот договор на Милевски значи дека тој ќе ја преводи Македонија во следното издание од Лигата на нации и во квалификациите за СП 2026.