Косово не ги сака македонските Албанци на иста трибина со нивните навивачи!?
Допрва ФФМ, но и МВР ќе прават детални планови за организација на мечот за тој да мине во најдобар ред, но тоа што е сигурно е дека за да се организира на високо ниво оваа пресметка која фудбалски носи голем влог, ќе треба да се повтори организацијата на Суперкупот во август 2017 година, па практично околу Градскиот парк во Скопје и Арената да не може – мува да прелета.
Но, тоа што најмногу создава проблем околу организацијата на мечот, е начинот на продажбата на влезниците и проблемот што може, а и веројатно би се појавил со купувањето на билети од Албанците во земјава, кои би дошле да навиваат за Косово. И тука пред сè, најголем проблем ќе биде ако до билети стигнат организираните навивачки групи од Тетово и од Чаир, чии приопадници на социјалните мрежи веќе најавуваат поддршка за Косово.
Оттука, се поставува прашањето, зошто „домашните“ навивачи од албанска националност (организираните навивачки групи) би биле безбедносен ризик за мечот?
На Косово како гостин според пропозициите му следуваат пет до 8 отсто од билетите за гостински навивачи. И тука нема никаков проблем. Дури и да добијат 10 отсто од капацитетот. Тоа се околу 3.000 гледачи, кои би биле сместени на источната трибина на Арената, одвоени со коридори од останатите трибини. И прво што паѓа на памет, а и некако логично е, одлука – кој сака да навива за Косово да оди на Исток. Но...
Проблемот е што Косово не ги сака на иста трибина македонските Албанци заедно со своите приврзаници, зашто не сака да одговара, ниту да плаќа казни за нивните евентуални испади. Според правилникот на УЕФА, секоја земја или секој тим си одговара за своите навивачи и за нивните постапки, ако се случи некаков проблем. Ова значи дека Косовците, практично на ФФМ ѝ ја префрлаат топката да одговараат за евентуални испади (политичка содржина, палење пиротехника...) за навивачи кои нема да навиваат за Македонија.
Најлесната опција за организација на мечот би била сите што сакаат да навиваат за Косово, да се сместат на една трибина (Исток), која собира 5.600 гледачи. Но, проблемот е многу посериозен и затоа во ФФМ допрва ќе ги боли глава како да изорганизираат сè и тоа да мине беспрекорно, бидејќи ќе мора да најде место за македонските граѓани од албанска националност, а не смее да им забрани да купат билети. Или, да проработи дипломатијата, па со Косово да се договорат да му ја отстапат целата источна трибина, а преку косовската федерација и тукашните навивачки групи од албанска националност да дојдт до билети и до место на стадионот.
Вториот сериозен проблем во организацијата е засега тивката најава за обединување на сите македонски навивачки групи за мечот со Косово, што е уште еден дел кој ќе бара уште посериозен пристап во организацијата на мечот, зашто речиси никогаш досега во историјата сите навивачки групи во земјава не застанале едни покрај други кога станува збор за натпреварите на фудбалската репрезентација.
Можеби таквото обединување би било добредојдено од организациски дел (сите би биле на Западната трибина), зашто така полесно би се контролирала безбедноста, отколку да се раштркани по стадионот, што остава можност да се најдат близу група на Албанци кои би навивала за Косово, па по трибините да има искри, тензии, а полицијата да треба да трча за да „гаси пожари“.
Но, самата организација на сите македонски навивачки групи ќе ја крене на нозе комплетната македонска полиција на 24 часа, за да се спречат евентуални физички пресметки надвор од стадионот. Полицијата имаше сериозен тест кога гостуваше Полска и дојдоа над 2.000 вистински ултраси од кремот на навивачкиот свет, но за претстојното полуфинале ќе треба уште поголема ангажираност и подготвеност за да се спречи хаос.
На сето ова треба да се посочи дека потребен е и сериозен план како навивачите на Косово ќе влегуваат на трибините, зашто Арената има само четири влеза, од јужната и од северната страна, па за да се стигне до страничната трибина (истокот во случајов) ќе мора тие навивачи и симпатизери да се измешаат со македонските. Арената, колку и да е грандиозен објект, има голем проблем кога ќе дојдат сериозен број на гостински навивачи, зашто нема пристап и влезови на страничните трибини.
Допрва ФФМ ќе треба да појасни како и од кога ќе почне продажбата на билети, но тоа што може да се начуе е дека влезници можно е да има цел месец во продажба, но дека нема да ги има во последните два дена пред мечот на билетарата на Националната Арена, што значи дека овојпат македонските навивачи ќе мора побрзо да дојдат до влезница ако сакаат да го гледаат дуелот кој е прв од двата што може да нè однесат до историски прв настап на Европското првенство во 2020 година.
Се на сè, ако Македонија го положи тестот во организација со Суперкупот во 2017 година, добро го мина и испитот со Полјаците, сепак пресметката на црвено-жолтите со Косово бара двојно поголем ангажман и посветеност, зашто првпат имаме сериозен високоризичен меч, а барем во домашното првенство во изминативе години, секој фудбалски меч под предзнак „висок ризик“ се организираше по линија на помал отпор – без гостински навивачи.