„Фаворити сме и посакувам да продолжиме со победите“
Македонија по двата триумфи со по 2-0 против Гибралтар и Ерменија, повторно го носи товарот на фаворит за дуелот со Лихтенштајн, но и за клучниот дуел со Ерменија, а селекторот Ангеловски посочи дека тој и избраниците не бегаат од таа улога.
„ Пред нас се нови два меча во Лигата на нации и на списокот се фудбалерите, кои не беа само на претходнните мечеви, туку ова е еден стандарден список веќе подолго време. Во составот се враќаат Шишковски, како и Адеми и Хасани, со кои уште повеќе се зголемува конкуренцијата во средниот ред. Очекувам максимално подготвени да бидеме за првиот меч. Во моментов сконцентрирани сме исклучиво на Лихтенштајн, а потоа ќе размислуваме за Ерменија. Сакаме да продолжиме каде што застанавме. Фаворити сме, не бегаме од таа улога. Со максимален пристап да го добиеме првиот меч, па потоа следува Ерменија“, вели Ангеловски.
Македонија во првите два меча резултатски беше перфектна, но не остави силен впечаток со фудбалот кој го одигра. Ангеловски сега најавува дека очекува избраниците да бидат уште подобри.
„Барам од фудбалерите да бидат уште подобри, но пред сѐ - да ги добиеме овие натпревари. Јас секогаш барам да бидат на максимално издание. Точно е дека вториот дел со Гибралтар не беше на посакувано ниво, не знам дали тоа беше комоција, дали дуелот со Ерменија ни беше во потсвеста, но се согласувам дека не беше тоа посакувано ниво за Македонија“, додава Ангеловски.
Дали Дарко Велковски, стоперот на Риека, кој пред една недела дебитираше во Купот ќе биде на располагање допрва ќе се знае, затоа што младиот дефанзивец пак се пожалил на повреда.
„Вчера Дарко ме информираше дека има болка во бутниот мускул, но не на таа нога поради која паузираше, туку на другата. Во текот на денот ќе има прегледи и сега не можам да кажам ништо повеќе. Ќе почекаме да видиме што ќе кажат прегледите, па ќе видиме што понатаму“, додаде Ангеловски.