
Фарски острови и Луксембург имаат подобар рејтинг од Македонија за Лигата на нации!
Тоа што паѓа во очи е што подобро рангирани од нашите момци се селекции како Луксембург, кој е во првиот барабан и Фарските острови, кои се во вториот, а кои до пред некое време беа само топовска храна меѓу другото и за жолто-црвениот тим. Но, фудбалот во овие две мали држави оди во нагорна линија, додека кај нас поважно е „јагнешката бригада“ да биде сита со храна, дневници и подароци отколку националниот тим да оди напред. Македонија во ова натпреварување нема да може да се сретне со Словачка, Северна Ирска и Кипар, додека соседните Косово и Бугарија ни се можни ривали.
Според новиот формат на УЕФА, победниците од четирите групи во Лигата Ц ќе изборат промоција во Групата Б, додека второпласираните ќе играат бараж со селекциите кои ќе се најдат на третите позиции во повисокиот ранг. Тие дуели ќе се играат според системот дома-гости, а вториот меч секогаш ќе се игра кај репрезентацијата со подобар рејтинг.
Групната фаза ќе се игра во септември, октомври и во ноември следната година, додека средбите од плејофот за промоција односно испаѓање се на програмата во март. Завршниот турнир од Групата А, пак, ќе се одигра од 2 до 10 јуни.