Елмас: Македонија е големо срце, татковина, мајка – за неа сè би дал до последен здив!

Кога во летото 2017 година уште како малолетен ја напушти Македонија, бисерот Елиф Елмас беше посочен како идната суперѕвезда на Македонија, а по две ипол години, младото момче веќе изоде сериозен пат, преку турскиот великан Фенербахче стигна до италијански Наполи, а со нецели 20 години дочека 20-илјади Македонци на Националната Арена да му го скандираат името. Ако по нешто ќе ја памети 2019 година, се деби головите за Македонија, покрај настапите за Фенербахче, рекордниот македонски трансфер под Везув...

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Елмас во март годинава првпат погоди за Македонија. На Летонија на отворањето на квалификациите ѝ даде два гола, а во октомври малку фалеше за хет-трик. Сам ја реши Словенија со два погодоци, претходно судиите му поништија гол во првиот дел, па од Арената брзо си најде нов идол, извикувајќи громогласно „Елиф Елмас“. Заслужено синоќа во МНТ ја доби наградата за – најдобар репрезент на македонскиот фудбал.

Младиот македонски бисер откако се појави на сцената и дебитираше за сениорскиот тим во јуни 2017, каде и да го викнеа, трчаше да го облече македонскиот дрес, играше и за сениорите, па за младинците до 21 година, немаше проблем да застане рамо до рамо со врсниците од селекцијата до 19 години. И сето тоа е само од една причина – зашто е подготвен до последен здив да се бори за Македонија!

„За мене Македонија е нешто што многу значи. Прво, Македонија е едно големо срце! Потоа татковина, мајка... За Македонија сè би дал. И ова не го зборувам само колку да го кажам, туку е нешто што го чувствувам. Многупати досега го покажав тоа дека би играл за сите селекции. Ако треба и ако можам пак ќе играм за сите селекции – до мојот последен здив! И на сите играчи им велам дека треба да ја сакаат својата држава како што ја сакам јас и да уживаат во тоа“,  ни рече Елмас после доделувањето на наградите на ФФМ.

Откако е дел од најсилната селекција, јавноста во земјава е воодушевена од неговиот однос кон националниот дрес, од фактот дека пред секој меч гордо ја пее химната.

„Нема зошто да не ја пеам химната. Јас сум дел од нејзе, јас сум роден тука, јас живеам тука и јас ќе ја пеам химната. Веќе реков дека Македонија за мене е сè – татковина, мајка, срце“, додава Елмас.

За две ипол години од неизбрусен дијамант, веќе има сериозна биографија, со желби за уште повеќе и исполнување на уште многу соништа. А, 2019 година ќе ја памети по многу работи кои му се случија и делуваат како од сон.

„Има баш многу работи по што ќе ја паметам 2019 година. Многу незаборавни моменти. Пред сè од дете сонував да му дадам гол на Галатасарај и тоа го направив, дадов гол на толкаво дерби. После со Македонија дадов два гола, бев близу и до хет-трик со Словенија, па ми го скандираа името...“, вели Елмас.

Ако некој посебно ја одбележа фудбалски оваа 2019 година секако е младиот бисер, со желба дека претстојната 2020 ќе биде уште подобра со историја за Македонија – настап на Евро 2020.