Девет таленти кои Македонија ги (за)губи – засекогаш!

Младата надеж на Јувентус, Никола Секулов, кој до пред 15 месеци играше за репрезентацијата до 17 години е последниот фудбалер кој Македонија го загуби, откако по негов избор заигра за Италија.

Во изминатава деценија, останавме барем без еден цел тим од македонски фудбалери кои одбраа да играат за други земји. Такво нешто се случуваше и во минатото, кога многу играчи со македонско потекло играа за други национални тимови како Миле Стерјовски (Австралија), Јован Кировски (САД), Ивица Илиев (Србија), а меѓу нив се и родениот тетовец Блерим Џемаили (Швајцарија), гостиварецот Шкодран Мустафи (Германија)... Но, како никогаш досега, Македонија во изминатава деценија пропушти еден куп екстра-талентирани фудбалери, родени од 1991 година наваму, кои заиграа за млади категории, ама на крајот или одбија понатамошна соработка или се префрлија во матичните земји каде што се родени. Во групата од девет фудбалери, кои сите беа посочени како екстра таленти, има и такво што се родени во земјава, ама, сепак, нѝ - избегаа.

Ако Елиф Елмас реши да игра само за Макеоднија, иако имаше и понуда од Турција, Аријан Адеми прифати да биде дел од Македонија, а не од далеку фудбалски посилната Хрватска, постојат фудбалери кои одат во спротивен правец. Меѓу овие деветмина не ги ставивме братот на Немања Матиќ, Урош, кој прифати да игра, дури и се сликаше со дрес, но ФИФА не даде дозвола за такво нешто, зашто ФФМ не можеше да најде документ за потеклото на неговата мајка. Во групата не го ставивме ниту Ведран Ќосевски, резервниот голман на БиХ, кој е роден велешанец и брани за сараевски Железничар, но никој од ФФМ досега и не го контактирал за да го повика, пред Роберт Просинечки да го смести во селекцијата.

Ова се деветмината, кои добија повици, некои од нив прифатија и играа, ама сите заедно на крај ја одбија Македонија и заминаа по друг пат.

Никола Секулов

Последната птица која пребега е младиот суперталент во Јувентус, роден на 18 февруари 2002 година во Пјаченца (Италија). Секулов од неодамна го смени „фудбалското државјанство“, па по настапите за младите категории во Македонија, од селекциите до 15 (два настапи), 16 години (три настапи) и 17 години (два настапи), младиот фудбалер за врска сега веќе има неоофицијални мечеви за Италија, а наскоро ќе заигра и на официјални средби за младите категории на „аѕурите“. До 2017 година беше дел од Македонија, лани одеднаш исчезна, за на крај да „избега“ во земјата во која е роден. Во Италија веќе важи за еден исклучителен талент, а во Торино гледаат „нов Клаудио Маркизио“. Инаку Секулов веќе има тренинзи и со првиот тим на „старата дама“.

Александар Игњовски

Роден е на 27 јануари 1991 година во Панчево, потекнува од македонско семејство и беше на радарот на поранешниот селектор Мирсад Јонуз, кој пред неполна деценија се обиде да го донесе во националниот дрес, но тогашниот фудбалер на ОФК Београд одби да заигра за Македонија. Јонуз се обиде да го донесе пред стартот на квалификациите за Евро 2012 во 2010 гоина, имаше обид да го донесе уште додека беше дел од младинските селекции, но Игњовски на крај ја избра Србија и дебитираше на 28 февруари 2012 во Ларнака. Подоцна одигра 12 меча за северниот сосед, направи бундеслигашка кариера од Минхен 1860, преку Вердер, Антрахт и Фрајбург, а сега подзаборавен од јавноста е член на второлигашот Магдебург. Последен пат за Србија играше во 2016 година

Марко Павловски

Роден на 7 февруари 1994 година во Белград и тој како и Игњовски е дете на ОФК Београд, а беше капитен на српската младинска селекција до 19 години, која во 2013 година стана европски првак. Офанзивниот фудбалер за врска поради македонското потекло беше на радарот на Македонија. Чедомир Јаневски се обиде да го донесе во националниот тим, па го повика за пријателските мечеви во 2013 година, но Павловски го одби повикот, а потоа и Љубинко Друловиќ имаше таков обид (му беше селектор во младата селекција пред да го преземе макеоднското кормило), но и вториот обид беше неуспешен. Павловски во 2013 година замина во Порто, беше дел од Б-тимот, но оттогаш му почна вртоглаво да паѓа неговата форма. Се проба во Мускрон (Белгија), се врати во ОФК, играше една сезона и за Сплит, а сега е член на Вождовац.

Амел Рустемоски

Роден е на 6 јуни 2000 година во Виренлос (Швајцарија), кој е еден од најголемите македонски таленти од генерацијата со Дарко Чурлинов, Елиф Елмас... Рустемоски беше дел од младите категории, од селекцијата до 16 години (пет настапи) и играше на развоен турнир, има и два настапи за селекцијата до 17 години, а селекторот Игор Ангеловски сакаше да го закова за Македонија со настап против Шпанија во минатиот квалификациски циклус. Но, во Швајцарија се вклучи алармот, па Рустемоски го одби повикот, а Ангеловски дури и се закани дека ќе го пријави за да биде казнет. На крај младиот фудбалер, кој е дел од Грасхоперс. На крај реши да заигра за Швајцарија, па веќе има три настапи за тимот до 18, а два за селекцијата до 19 години. Инаку станува збор за екстраталентиран напаѓач, кој може да игра и по крилните позиции.

Дејан Кулушевски

Еден од најголемите македонски таленти, кој е роден на 25 април 2000 година во Стокхолм (Шведска) и моментно стигна до сениорски настапи за калчолигашот Аталанта. Кариерата ја почна во Бромопојкарна, а од 2016 година е преселен во Бергамо. За него неодамна се интересираше и лондонски Арсенал, а годинава веќе запиша четири настапи за првиот тим на сино-црните од Бергамо. Кулушевски како голем талент реши на почеток да игра за Македонија, беше дел од селекцијата до 16 години, во која беа и Рустемоски, Чурлинов, но иако имаше обиди и од селекторот Игор Ангеловски тој да заигра за сениорската селекција, на крајот реши да игра за Шведска. Има девет настапи за селекцијата до 17 години, три за таа до 19, а веќе и еден за најстарата генерација до 21 година. Нема да биде изненадување ако наскоро дебитира и за најсилната селекција на Шведска.

Бесир Демири

Родениот скопјанец (1 август 1994 година) беше дел од златната генерација на младинската селекција која играше на Евро 2017 (13 настапи), кој кариерата ја почна во Шкупи, па играше за Шкендија, а потоа дојде во Вардар и беше дел од историскиот настап во Лига Европа. Сега е член на украински Мариупол, а лани пребега да игра за соседна Албанија, откако воопшто не беше на радарот на македонскиот селектор. Во недостиг на леви бекови, Македонија направи грешка што Демири со сениорски настап не го задржа за да спречи секакво пребегување. Иако не е лев бек, на таа позиција се профилираше и со младата селекција и со Вардар.

Омер Имери

Актуелниот фудбалер на Шкендија (роден 13 декември 1999 година) лани пребега во Албанија и веќе има четири настапи и два гола за младата селекција на западниот сосед, иако беше дел од младата селекција на Македонија. Беше еден од фудбалерите од новата генерација, после „златната“ која играше на Евро 2017, но Имери се реши да го смени државјанството, иако е роден скопјанец. Станува збор за офанзивен фудбалер за врска, кој одлично ја почна оваа пролетна сезона и е голема надеж на Шкендија, каде дојде од чаирски Шкупи.

Јасир Асани

Детето на Вардар пред три години пребега во Албанија, иако беше на широкиот список на младата селекција од генерацијата која го напиша најголемиот успех со настапот на едно ЕП. Асани се појави како голем талент на црвено-црните и брзо влезе во првиот тим имаше првотимски статус, почна да игра за младинските селекции (У19, У21) и потоа реши да си го оствари „сонот“ да игра за Албанија. Само што од 2016 година наваму има еден настап за западните соседи и далеку е од радарот на селекторите. После Вардар играше за Победа, имаше неуспешни обиди за трансфер во Турција, а сега е дел од Партизани Тирана.

Таулант Сулејманов

Најконтроверзниот лик од сите македонски таленти во последната деценија. Таулант Сулејманов, сега Сефери (роден на 15 ноември 1996 во Куманово) беше најмладиот дебитант во македонската сениорска репрезентација надминувајќи го дотогаш рекордот на Горан Пандев (сега Дарко Чурлинов го држи тој рекорд за најмлад дебитант), кога влезе во игра со Камерун во 2014 година. Беше дете на Работнички, голем талент (31 меч – шест гола), од каде направи трансфер во швајцарски Јанг Бојс. Играше за сите македонски селекции од У15 до сениорската селекција (најмногу за У19 – десет меча). Во 2017 година пребега во Албанија, има четири настапи за младата селекција, но потенцијалот не го оправда воопшто. Дури и направи скандал, кога родениот кумановец објави фотографија со парола на маичката дека „Куманово е Албанска земја“. Моментно е член на второлигашот Винтертур во Швајцарија, а претходно играше на заем и во Волен.