„Да влеземе во поголем ризик - во нападот да бидеме поагресивни и поубоити!“

Ако некој многу добро ја познава македонската фудбалска репрезентација во душа, секако е Саша Ќириќ, поранешниот македонски репрезентативец и спортски директор кога младата селекција го скрши мразот со настапот на Еуро 2017, а потоа и спортски директор на А-тимот кога се градеше селекцијата која сега ќе дебитира на големата сцена – Европското првенство. Ќириќ за Спорт 1 анализира за пресметката со Украина, втора на Еуро 2020 по поразот во неделата од Австрија (1-3) на нашето деби на 16-иот континентален шампионат.

Тежок меч нѐ очекува со Украина, зашто тие психички не паднаа во Холандија, зашто после 0-2 успеаа да се воздигнат, иако на крај загубија во самата завршница. Украина тактизираше, одеше на резултат, не форсираа многу напред, но потоа кога немаше што да загубат преземаа ризик и „фудбалскиот господ“ ги – награди. После 2-2, сѐ зборуваше дека ќе стигнат до бод, но ги пресече тој трет гол. Затоа мислам дека играчите на Шевченко, овој пораз нема да влијае негативно, туку дури тој момент дека успеаа од два негатива да се вратат ќе ги понесе.

И со таков пристап ќе влезат, но сега ќе се под поголем притисок дека ќе мора да нѐ победат. Затоа тука ја гледам нашата шанса. Можеби, фудбалски и ние мора да го добиеме мечот ако сакаме втора фаза, ама ние сме дебитанти. Успех е самото тоа што сме пласирани, па затоа притисокот е врз Украина. Зашто тие мора да победат, а ние тоа мора да го искористиме. Пред сѐ, ќе мора да го искористиме просторот што ќе ни го остават.

Гол дадовме, јас сум задоволен и со бод ако извадиме. Но, пред сѐ после Австрија, ќе мора да ја смениме играта и во мечот да влеземе со поголем ризик. Ние голот со Австрија го дадовме по нивни кикс, така да посебно во трета зона ќе мора да бидеме многу подобри. Од друга страна, позади во дефанзива и во втората зона добро се носевме со Австрија.

Нема причини за поголеми промени, можеби едно место, а формацијата нема потреба да се менува, нема потреба да менуваме систем сега среде првенство и во ред е да продолжиме како што играме. Не гледам нешто посебно што би менувале, дали офанзивата со друг шпиц, зашто Трајковски не беше многу активен со Австрија. Ни фали „сидраш“, таква промена можеби ни недостига. Зашто ако не игра Трајковски, ќе игра Тричковски, а и тој е ист тип на фудбалер. Ни треба поагресивен шпиц.

Читам многу коментари дека Стефан Ристовски треба да се врати на таа природна позиција на десен бек и мислам дека таму повеќе ќе ни значи. Со Николов тука не функциониравме баш како што треба. Ни недостига таа странична убоитост, ако сакаме шанси и позитивен резултат. Не можеме цело време низ средина да поминеме и само Пандев да се обидува нешто да направи. Мислам дека и Елмас треба да добие повеќе слобода, да се извлекува на таа лева страна со Алиоски и многу поофанзивно и поагресивно да напаѓаме, да имаме повеќе завршница. Немаме ние доволно напади, убоити напади и затоа велам можеби ни фали поагресивен шпиц.

Очекувам Украина од старт да нѐ притисне, да ја оправдаат улогата на фаворит, но ние ќе мора да ги држиме подалеку од голот. Не како со Австрија, кога нѐ притиснаа ептен. На не им дозволиме да ни се моткаат околу шеснаесетник, како австријците, треба некогаш и мудро да одиграш, но воглавно да ги оддалечиме што подалеку. Го имаат Јермоленко, кој е лидер, по некогаш и нее многу активен, ама знае и мал простор да искористи, како против Холандија, штом добие топка и простор – веднаш погоди.

Ние мора да бидеме офанзивни посебно во трета зона и убоити. Ние да ја диктираме играта!