
Буфон: После катастрофата со Македонија (пре)тежок ќе биде рестартот на Италија!
Италија во минатиот месец во Палермо загуби во судиското надополнување со бомбата на Александар Трајковски, па после СП во Русија во 2019 година, ќе го прескокнат и годинешниот Мундијал во Катар, што на Апенините е вистинска фудбалска катаклизма. Според Буфон, сега уште потешко ќе биде издигнувањето на „аѕурите“ и рестартот на репрезентацијата, зашто шокот од Македонија е поголем од било кој друг пораз.
„Неспорно е дека Манчини е архитект на големиот успех со освојувањето на Еуро 2020, но одговорен е исто така за катастрофата со Македонија. Многу е важен начинот како сте испаднале од некое натпреварување, зашто има еден или друг начин. Ако загубите од Португалија на пенали нема што некој да замери, ама кога ќе загубите од Македонија тоа е – дебакл. И многу потежок сега ќе биде рестартот, духовите од минатото ќе нѐ прогонуваат, ќе мора да се најде нов баланс“, вели Буфон.
Тој осочува дека уште од 2010 година сфатил дека светскиот фудбал се менува и дека Италија ќе мора да се прилагодува, ама...
„Кога испаднавме од СП 2010 во Јужна Африка со поразот од Словачка, јас сфатив дека глобализацијата ги менува вредностите и хиерархијата, така да секој пласман на големо натпреварување треба да се слави. Оттогаш ние живееме во илузии, да имаме блесоци како на Еуро 2020, но јас не згрешив дека ние сме единствени и кога е тешко знаеме да отидеме на врвот, ама потоа на него не знаеме и не можеме да се задржиме“, додава Буфон.
Тој со Италија во 2006 година во последната златна мундијалска генерација ја освои светската титула во Германија, а тој Мундијал е последен на кој Италијанците директно се пласираа, потоа се мачеа за следните два без преголем успех со настапот, а сега пропуштаат два во низа.