Билетите за историскиот меч со Косово од денеска во продажба – еден навивач може до една карта

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објави денеска дека се пуштени во продажба билетите за историскиот меч со Косово во полуфиналето од плејофот во Лигата на нации, закажан за 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“ преку продажната мрежа на МК Тикетс, а ќе се продаваат и на билетарата на најголемиот наш стадион, како и во продажни места во градиви низ земјава.

Билетите за мечот со Косово се продаваат по цена од 300 и 400 денари за северната и јужната трибина, бидејќи западната е резервирана за сите навивачки групи кои се обединија за да ѝ дадат поддршка на Македонија, а источната е предвидена за косовските навивачи, кои добија седум отсто од капацитетот, а два блока поради тампон-зона ќе бидат празни од безбедносни причини.

ФФМ информира дека еден навивач може да купи еден билет со приложување на документ за идентификација (лична карта или пасош), а секој билет ќе биде персонализиран, а на стадион ќе се влегува со лична карта, зашто од безбедносни причини редарската служба која ќе биде целосно под капата на полицијата ќе ги проверува точноста на личните податоци.

„Ги известуваме сите навивачи и поддржувачи на нашата најдобра репрезентација дека на денот на натпреварот со себе треба да носат документ за лична идентификација бидејќи при влегувањето на Националната арена за натпреварот на 26 март, редарската служба (претставници на Министерство за внатрешни работи) ќе ја проверува точноста на личните податоци од влезниците и нема да им овозможи влез на трибините на оние навивачи кои под друго име ќе се обидат да влезат на Националната арена. Предупредуваме навивачите да не купуваат влезници на т.н. 'црн пазар' со други податоци на влезниците. Ги повикуваме сите гледачи, поддржувачи и навивачи на македонската репрезентација со фер и коректно навивање да им помогнат на нашите фудбалери да стигнат до вредна победа и да ја доближат Македонија до пласман на ЕВРО 2020. Благодарност до сите навивачи за верната поддршка, ви посакуваме да уживате во натпреварот и со ваша поддршка да оствариме голема победа на патот до нашето историско место на Европското првенство 2020“, објави ФФМ.

Билети за мечот освен на продажните места на МК Тикетс може да се набават на билетарата на Националната Арена (секој ден од 10 до 18 часот), потоа во ТА Глобус (Охрид), TA Бран (Прилеп), Кафе бар „Концепт“ (Струмица), Симбол Кафе (Штип), Литература (Битола), Киоск Корзо (Неготино), Уни сон (Велес), Тобако Лени + (Гевгелија), Либеро Травел (Кочани).