Титулата се враќа во Скопје: Вардар е шампион на Македонија (ФОТО+ВИДЕО)

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар со победата против Струга (1-0) во претпоследното коло од Првата лига ја потврди шампионската титула, која се враќа кај црвено-црните по пауза од шест години.

Вардар поведе на гостувањето кај Струга уште во петтата минута кога во листата на стрелци се запиша Цветковиќ, а гостите до крајот на првото полувреме имаа уште неколку сериозни шанси меѓутоа не ги реализираа.

Струга заигра подобро во вториот дел, а посебно се истакна Малески во финишот од средбата, откако во 69. минута се закани поопасно кон голот на вардарци. Истиот фудбалер повторно се најде во добра шанса во 72. минута, но голманот на Вардар го одбрани неговиот удар.

До крајот на натпреварот Струга се закани уште неколку пати преку Малески, но Вардар го зачува водството и триумфира со 1-0.

На останатите натпревари Шкендија славеше со 2-1 против Брера, додека Силекс загуби од Арсими со 0-1.

Вардар по 32 одиграни кола има 80 бодови, односно шест поени повеќе од Шкендија, додека Струга е трета со 62 поени.