Атанасов: Не сме комплетни, ама гладни сме за успех – одиме на победа во Грузија!

Поранешниот младински репрезентативец Јани Атанасов (Хајдук Сплит) посочи дека без оглед што Македонија е некомплетна со недостиг на низа фудбалери, сите што се моментно во националниот тим ќе дадат сѐ за успех во Тбилиси во првиот клучен меч од оваа завршница во Ц-дивизијата во Лигата на нациите.

Македонија ќе оди на победа и реванш за скопските 0-3, а според Атанасов агресивноста е еден од клучевите зашто во јуни загубивме, а сега таа треба да биде водилка кон победата

„Не сме комплетни, ни недостигаат некои играчи, но затоа сме ние тука да дадеме сѐ од себе и одиме и се на деваме на три бода во Грузија. Се чекаат само задачите од селекторот, а сѐ останато е на нас. Селекторот треба да ги сложи коцките, ние треба да ги извршиме сите задачи кои ќе ни ги постави. Во Скопје не бевме доволно агресивни и сега се надевам дека во Грузија ќе покажеме агресивност и желба за три бода“, рече Атанасов.

Според младиот фудбалер за врска без оглед што селекцијата има многу млади играчи, гладта за победа и за докажување кај сите покажува дека Милевски може да смета на секого од нив и во моменти кога репрезентацијата е десеткувана.

„Имаме доста млади играчи, но сите ние сме гладни за успех, гладни сме за докажување, посебно кога станува збор за репрезентацијата и селекторот може сериозно да смета на нас“, додаде Атанасов.