„Ангеловски е најлошиот селектор во историјата, тој е катастрофа!“

Позната е нетрпеливоста на релација Филип Гачевски, голманот на Вардар и македонскиот селектор Игор Ангеловски.

Првиот не ја пропушта можноста да го пецне „изборникот“ на социјалните мрежи или по медиумите, а вториот упорно го игнорира чуварот на мрежата на црвено-црните, кој во последниов период се наоѓа во животна форма и е најдобар македонски голман во моментов.

Но, пецкањето сега се крена на повисоко ниво - Гачевски за словенечките медиуми распали како никогаш досега, весникот Екипа пренесува негова остра изјава:

„Голем проблем за македонската селекција е што тој (Ангеловски) е најлошиот селектор во историјата. Тој е катастрофа. Тој мисли дека сѐ знае“, вели Гачевски, а весникот потсетува дека вардаровата единица година ипол беше резервен чувар на мрежата во А-тимот, па потоа беше отстранет, наводно поради лоша дисциплина.

„Што е причината што не сум во репрезентацијата? Не би сакал сега да ги кажувам деталите, можеби другпат. Факт е дека дисциплината ја прекршивме 5-6 репрезентативци, а само јас настрадав. Ангеловски постојано ме имаше 'на пик'. Јас сум човек што сака да се шегува постојано, тој тоа не го трпеше. Едвај чекаше нешто да се случи за да ме тргне. Во минатите години има перфктни периоди, бранев за Вардар во Лига Европа, не бев совладуван во серија на многу средби...“, вели 29 годишниот голман.

Вардаровиот голман, кој кариерата ја почна во Словенија, во Мура, а има настапи и за младите селекции на „змајчеките“ во интервјуто ги предупреди нашите утрешни противници дека главната опасност доаѓа од Елиф Елмас.

„Тој е чудо од играч и неверојатен талент. Немаше во Наполи да потпише ако не беше гениј. Плус, очекувам стадион со дваесетина илјади гледачи, може и повеќе, а тоа дава ветер во грб, додаде Гачевски“.