Адеми: Убеден сум дека ќе ја поминеме групата на Евро 2021!

Еден од најголемите борци во националниот тим, Аријан Адеми, кој и повреден играше во најважните битки за историскиот пласман на Македонија на Европското првенство идното лето, убеден е дека во јуни црвено-жолтите ќе ја поминат групата со Холандија, Австрија и Украина и дека ќе играат – осминафинале.

Адеми е еден од најважните играчи во средниот ред, фудбалер кој носи баланс на тимот, а сега посочува дека националниот тим има силен капацитет да ја помине групата, зашто тимот е – вистинска екипа.

„Искрено, мислам дека ќе ја поминеме групата на ЕП. Навистина тоа го мислам. Сега сме вистинска екипа, селекторот одлично не вкомпонира. Јас посебно на тоа му честитам. Претходно Македонија имаше сериозен проблем, што немаше стандарден тим, се појавуваа многу играчи. Иако играше добро, резултатите никако да се поклопеа и секогаш губеше. Сега е сосема спротивно, може да одиграме и многу лошо, а да победиме. Токму затоа сум сигурен дека можеме да направиме големи работи“, вели Адеми.

Тој прифати да игра за Македонија откако тогашниот хрватски селектор Нико Ковач не го зема во селекцијата на „коцкестите“, а од поодамна е познато дека Агим Ибраими е негов братучед и одиграл веројатно клучна улога за Адеми да заигра во црвено-жолтиот дрес.

„Додека бев дете, јас секоја зима одев во Македонија, често и преку лето. Сѐ додека не почнав професионално да се занимавам со фудбал, па потоа немав време, зашто во тие периоди стандардно траат подготовките. Имаше еден период од три-четири години да не бев воопшто во Македонија, пред да дојде повикот. И јас имам многу големи чувства за тој крај, моите баба и дедо се таму, имаме семејна куќа, имам пријатели, роднини... Еден од нив е Агим Ибраими, кој одигра и голема улога да прифатам да играм, можеби и клучна. Кој знае, можеби да не беше тој, немаше да прифатам да играм. Ама, секако јас сум пресреќен што играм за Македонија, таму навистина многу ме ценат и ме почитуваат, а јас уживам да играм“, додава Адеми.