Зидан по првиот пораз со Франција: Во еден момент целосно се распаднавме!
Французите одлично го отворија натпреварот и рано поведоа преку Мајкл Олисе, но домаќинот направи целосен пресврт во второто полувреме. Херој на италијанскиот триумф беше Франческо Пио Еспозито кој постигна два погодока, вклучувајќи го и реализираниот пенал, додека еден гол додаде Давиде Фратези и тоа само неколку моменти откако постариот брат на Франческо, Себастијано Еспозито, не реализираше удар од белата точка.
На прес-конференцијата по натпреварот, Зидан не го криеше незадоволството од дефанзивното издание на својата екипа во вториот дел, но порача дека ваквиот неуспех е составен дел од процесот низ кој минува тимот.
„Добро почнавме и бевме квалитетни во поседот на топката, но во второто полувреме наидовме на проблеми, особено во одбраната. Не ни недостасуваше храброст, напротив. Останавме во натпреварот и добро ја контролиравме топката, но по 1-2 помалку се распаднавме“, објасни Зидан.
Франција натпреварот го заврши со дури 18 обиди и двапати ја погодуваше рамката од голот, но поради овој пораз и понеповолниот меѓусебен скор, падна на второто место во групата А1 зад лидерот Италија. За овој дуел Зидан не можеше да смета на услугите на Килијан Мбапе и Осман Дембеле, но најави дека напаѓачот на Реал Мадрид би можел да биде подготвен за последниот натпревар од групната фаза против Турција в недела, бидејќи стручниот штаб одлучил да не ризикува поради неговиот помал мускулен проблем.
Од друга страна, италијанскиот селектор Роберто Манчини имаше огромни причини за задоволство. Посебни пофалби доби двојниот стрелец Еспозито, кој стигна до девет погодоци на 14 репрезентативни настапи, а Манчини изрази уверување дека младиот напаѓач на Интер има потенцијал еден ден да го нападне и апсолутниот рекорд на Џиџи Рива од 35 постигнати голови за државниот тим.