Зидан имал и поголема желба за засилување на Реал од Нејмар и Салах

Тренерот на европскиот шампион Реал Мадрид, Зинедин Зидан има свој „прв пик“ за засилување на мадридскиот великан, а тоа не се двете најпосочувани ѕвезди во моментов – Нејмар и Мохамед Салах. Како што објави „Дон Балон“, француската легенда по секоја цена во тимот на „кралевите“ го сака Еден Азар.

Азар (27) треба да биде долгорочна аквизиција на мадридскиот великан, а белгискиот фудбалер одамна се поврзува со трансфер на „Сантјаго Бернабеу“. Дури и во минатото лето имаше силни најави за негово доаѓање, но тогаш сè сведе само на шпекулации. Сега, Флорентино Перез планида да донесе нов „галаксикос“ во тимот, а Азар е првата цел, иако веќе шест месеци секојдневно се најавува спектакуларен трансфер на Нејмар од ПСЖ.

Според Зидан, како што пишува „Дон Балон“, Азар е идеалното засилување за мадриѓаните кој експресно ќе се вклопи во тимот и тоа е алката за Реал да биде уште посилен, особено што Герет Бејл по неубедливите настапи во изминативе 18 месеци повеќе од извесно е дека ќе си замине. Затоа и Французинот притискал кај Перез прв трансфер да биде Азар, а на рака им оди фактот што лондонски Челси идната сезона нема да игра во Лигата на шампионите, па многу полесно ќе се убеди Белгиецот да се пресели во шпанската престолнина.

Исто така шпанскиот магазин посочува дека Зидан во моментов многу повеќе го сака Азар како засилување, во однос на Салах и Нејмар, иако Реал Мадрид нема да прошушти шанса да купи уште една од овие две ѕвезди, без оглед што во последно време се повеќе се намалуваат шансите за да се случи такво нешто.