Во Јувентус требаше да дојде Роналдо, за по 60 години да дочекаат стрелец на 25 гола во сезона

Португалскиот ас Кристијано Роналдо се запиша вчера во историјата на „старата дама“ откако стигна до бројката од 25 гола сезонава во Калчо-лигата и со тоа израмни рекорд стар 60 години.

Верувале или не, ама до вчера недопирлив во Јувентус беше легендарниот Омар Сивори, кој во 1960/61 успеал да даде 25 гола во една сезона и цели шест децении во Торино се чекаше за да дојде голгетер кој ќе го достигне Аргентинецот и тоа успеа да го направи најскапиот фудбалер што воопшто дошол во „старата дама“.

Роналдо во градското дерби со Торино првпат погоди од слободен удар после две ипол години и 43 обиди, а Јувентус со седум бода предност пред Лацио сега е на вистинскиот пат за деветта шампионска титула во низа.