Во Челси нема криза: Два преодни рока мируваа, па си собраа 165 милиони за летен пазар!

Лондонски Челси нема да штеди за засилувања за новиот преоден рок, зашто по два преодни рока сузпензија собрале цели 165 милиони евра за да може да донесат „освежувања“ во тимот и во новата сезона да бидат уште поконкретни.

Иако во ек на пандемијата со коронавирусот сите клубови практично прават „ургентни планови“, а веќе извесно е дека нема да има спектакуларни трансфери, на „Стемфорд Бриџ“ очигледно нема криза, од причина што не потрошија ни цент за засилувања во изминатата година.

Лондончани поради тоа веќе имаат пари во каса за „освежувања“ на тимот предводен од Франк Лампард и голема желба да го надокнадат тоа што го пропуштиле во последните два преодни рока, за кои беа казнети поради прекршувања на правилата за трансфери на малолетници.

Челси до прекинот на Премиерлигата поради пандемијата беше четврти со место за пласман во ЛШ, а обезбедувањето на настап и во новата сезона ќе значи дополнителни 50 до 60 милиони евра во клупската каса, па оттаму и желба да донесат двоец од Барселона – Фелипе Кутињо и Самуел Умтити, како и Ашраф Хакими од Борусија Дортмунд.