Вардарци учете: Барди со еврогол го ничкоса и Реал Сосиедад! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Леванте славеа перфектна победа пред своите гледачи против Реал Сосиедад од 3-0, а македонскиот интернационалец Енис Барди не престанува да ја воодушевува тамошната спортска јавност и со уште еден прекрасно изведен слободен удар ја запечати победата на својот тим.

Еден од противниците на Вардар во групната фаза од Лигата на Европа, екипата на Реал Сосиедад, вечерва доживеа вистински дебакл на гостувањето кај Леванте и мораше да се помири со висок пораз од 0-3.

Македонскиот репрезентативец Енис Барди продолжи да бележи блескави настапи во дресот на шпанскиот прволигаш, а освен по новата одлична партија на средината од теренот, „десетката“ на Леванте постигна уште еден спектакуларен погодок од слободен удар, вкупно трет за него во оваа сезона, со што стави точка на високиот триумф за неговиот тим.

Леванте и по ова коло остана меѓу петте непоразени екипи сезонава во Шпанија, со две победи и три нерешени средби. Сосиедад, пак, влезе во лоша форма и го забележа вториот пораз во низа, а дуелот со Вардар во рамките од третото колo се игра на 19 октомври на Националната Арена во Скопје.