Ван Гал удри по бившиот клуб: Ајакс ја користи пандемијата за да (у)лови во матно!

Легендарниот холандски тренер, Луис Ван Гал, смета дека неговиот поранешен клуб Ајакс на грд начин сака да го злоупотреби коронавирусот во сопствени цели, а тоа е административно освојување на шампионската титула.

Директорот на тимот од Амстердан, Марк Овермарс, јавно побара од холандскиот сојуз официјално да го прекине првенството и да го прогласи неговиот тим за нов првак.

„Кога ќе ја добиеме битката со коронавирусот, првенството мора да се заврши на спортски начин. Не може да се одиграат само 25 кола и некој да каже дека Ајакс е шампион, особено не кога има ист број бодови со друг тим. Челниците на составот од Амстердам сакаат да ја искористат кризата за да ја добијат титулата на подарок, а тоа го оправдуваат со грижа за граѓаните. Не се согласувам со таквото однесување“, изјави Ван Гал.

Ајакс има ист број бодови како и АЗ Алкмар (56), а е лидер на табелата само поради подобрата гол-разлика, што е главната причина за револтот не само кај Ван Гал туку и кај многу други во холандскиот фудбал.