Ван Дајк ги израдува навивачите - прифатил нов договор со Ливерпул

Холандскиот репрезентативец Вирџил ван Дајк одговорил позитивно на понудата од Ливерпул, доставена за него во декември и се очекува претстојната недела официјално да го продолжи договорот.

Клубот беше во преговори со него и неговите претставници од почетокот на оваа сезона, но и покрај проблемите, се чини дека се ќе биде завршено на задоволство на двете страни. Досегашниот договор на Ван Дајк истекува на 30 јуни 2025 година и постоеше опасност тој да си замине како слободен играч.

Искусниот стопер е член на Ливерпул од 2018 година кога дојде од Саутемптон за 85 милиони евра. Оттогаш одигра 296 натпревари и постигна 25 гола и 13 асистенции, а освои трофеи во Лигата на шампионите, Премиер лигата и Светското клупско првенство.