Ван Дајк: Долг е патот до титулата во Премиер лигата

Тимот на Ливерпул е во серија од 16 последователни победи во Премиер лигата и постепено станува главен фаворит за титулата оваа сезона, но „црвените“ се заинтересирани само за следниот натпревар, изјави Вирџил ван Дајк.

Во интервју за клупската веб-страница, Холанѓанецот објасни дека статистиката е тема за медиумите, а не за играчите на теренот.

Статистиката е за медиумите. Реалноста е дека сè уште не сме освоиле ништо. Ние само сакаме да продолжиме да ја подобруваме нашата игра затоа што сигурно има многу за да се сработи. Се уште е рано да се обрнува внимание на рангирањето, затоа што доаѓа октомври и допрва треба да дојде густиот циклус на натпревари. Има уште долг пат до крајот на сезоната и затоа се фокусираме само на претстојниот натпревар, вели Ван Дајк.

Според него, Ливерпул израснал како тим и собрале големо искуство во последните неколку сезони.

Мора да веруваме дека можеме да победиме на секој натпревар. Ако не, ние подобро да си останеме дома. Имаме квалитет, имаме играчи за тоа, додаде дефанзивецот.