Тудор бесен по киксот на Јувентус: Срамно е тоа што ни го направија судиите!

Јувентус одигра само нерешено на вчерашното гостување кај Верона (1-1), но резултатот остана во втор план поради жестоката реакција на тренерот Игор Тудор, кој беше крајно незадоволен од судењето.

Хрватскиот стратег најмногу се побуни за досудениот пенал по кој Верона поведе, како и за недосудениот црвен картон за Гифт Орбан, кој со лакт го удри Федерико Гати.

„Пеналот е срам за фудбалот. Такви пенали не постојат, тоа може да го свири само човек што никогаш не играл фудбал. А за ударот со лакт – ако тоа не е црвен картон, тогаш навистина не знам што е. Со ВАР денес да донесеш вакви две одлуки е срамота“, нервозно изјави Тудор.

Тренерот на „старата дама“ додаде дека неговите фудбалери дале максимум, но вакви судиски грешки можат директно да одлучат натпревари.

ФОТО: EPA PHOTO