Трајковски: Би сакал да се вратам во Италија, во јуни ми завршува договорот со Ал Фејха!

Помина точно една година од историскиот триумф на Македонија против Италија (1-0) во Палермо во полуфиналето од баражот за Светското првенство (СП) во 2022, а херој на теренот беше Александар Трајковски.

Македонскиот напаѓач ги расплака „аѕурите“ со голот во судиското надополнување кога го матира голманот Џанлуиџи Донарума. Трајковски во интервју за италијанските медиуми се потсети на голот кој ја израдува Македонија, а притоа порача дека повторно би се вратил во Серија А доколку има таква можност.

„Дали би се вратил во Италија? Би сакал. Мојот договор со Ал Фејха завршува во јуни и ќе видиме какви понуди ќе пристигнат. Во меѓувреме добив понуди од Серија Б, но бидејќи сум од земја која не е во Европска унија, таа опција пропадна. Кога пропадна Палермо, имав опција да играм за Верона, но јас се решив за Мајорка“, вели Трајковски.

Трајковски зборуваше и за тоа кои му биле најтешки противници во Серија А.

„Кога бев во Италија видов многу талентирани млади фудбалери, но играв и против искусни дефанзивци. Бонучи, Барѕаљи и Кјелини ме импресионираа, мислам дека тие ми биле најтешки ривали. Се сеќавам кога се обидов да го лобувам Буфон и Барѕаљи ја спаси топката од гол-линија“, кажа македонскиот напаѓач.

Јунакот од Палермо оваа сезона за Ал Фејха одигра 14 меча во првенството и притоа постигна два гола и две асистенции.