
Тен Хаг: Одлуката на Леверкузен да ме отпушти е најглупавата во модерниот фудбал!
Поранешниот предводник на Манчестер Јунајтед беше сменет од позицијата по саботното реми на гости кај Бремен (3-3) во меч во кој неговите момци двапати имаа предност со два гола разлика.
„Одлуката на управата на Леверкузен да ме испрати на 'одмор' беше огромно изненадување. Да се разделите со тренер по само две кола во шампионатот е нешто апсолутно незамисливо и глупаво“, истакна Холанѓанецот.
Тој додаде дека летово тимот претрпел сериозни промени и заминување на клучни играчи, што барало трпение и доверба во процесот на изградба на нова екипа.
„Новиот менаџер мора да добие време да ја наметне својата визија, да ги постави стандардите и да остави сопствен печат. Јас ја започнав оваа работа со целосна енергија и убеденост, но жалам што управата не беше подготвена да ми даде ниту време, ниту доверба. Никогаш не беше однос заснован на взаемна доверба“, рече Тен Хаг, потсетувајќи дека на секое место каде што му било дозволено да ја заврши сезоната, имал успеси и трофеи.
На крајот, тој им се заблагодари на навивачите на Леверкузен за поддршката и им посака успех на играчите и стручниот штаб до крајот на сезоната.