Тен Хаг добива нов договор од Јунајтед, без оглед дали клубот ќе добие нов газда

Холанѓанецот Ерик Тен Хаг, актуелниот менаџер на Манчестер јунајтед многу скоро ќе добие нов договор од „црвените ѓаволи“ без оглед што во моментов се во полн ек преговорите за преземање на раководењето на гигантот откако актуелните сопственици Глејзери го ставија клубот на продажба.

Тен Хаг брзо донесе промена на „Олд Трафорд“, па го извлече Јунајтед од просечноста, веќе освои еден пехар во Лига Купот, сѐ уште е во игра и за ФА-Купот и за Лига Европа, па затоа раководните лица во фудбалскиот сектор сега сакаат актуелниот менаџер да го наградат со нов договор, без одглед каков ќе биде исходот од преговорите за нови газди, дали Глејзери ќе останат или ќе дојде некој друг.

Во моментов две понуди за купување имаат Американците, првата од катарскиот банкар, шеикот Јасин Ал Тани, од кралското семејство на емирот на Катар и еден од најбогатите Британци, сер Џим Редклиф со компанијата Инеон. Двајцата веќе имаа разговори на „Олд Трафорд“ во последните три дена, а Глејзери бараат до шест милијарди фунти за да го продадат великанот на англискиот фудбал.

Тен Хаг летоска дојде од Ајакс и потпиша тригодишен договор за 27 милиони фунти со опција за продолжување на соработката за уште една година, а сега наводно тој договор ќе биде подобрен