Студен туш за Барса: Градскиот совет не даде дозвола за враќање на Камп Ноу

Иако пред два дена Барселона преку своите канали на социјалните мрежи најави дека се враќа на Камп Ноу на 10 август за „Гампер купот“, можно е тоа, сепак, да не се случи.

Градскиот совет на Барселона не даде дозвола за организација на ова натпреварување на реновираниот стадион бидејќи смета дека во оваа фаза, таму не можат да бидат сместени 60 илјади гледачи, како што беше најавено. Дозвола не може да биде дадена додека официјално не биде завршена првата фаза од реновирањето, а до тоа има уште извесен период.

Ова е уште еден студен туш за Барселона, клуб кој неодамна се спакува и се пресели од Монжуик, па неизвесно е каде би ги играл своите натпревари од новата сезона која стартува една недела по „Гампер купот“. Враќањето на Камп Ноу веќе беше неколку пати одложувано, но челниците на клубот беа сигурни дека новата сезона ќе ја дочекаат таму.

Една од опциите е првите три натпревари од Ла Лига, Барселона да ги игра како гостин со што би се добил еден месец за довршување на потребните работи околу реконструкцијата.