Стефан Ристовски најблизу до Олимпијакос – на заем до крај на сезонава!

Грчкиот великан и редовен учесник во Лигата на шампионите, Олимпијакос е најблизу да го ангажира македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски од Спортинг Лисабон и тоа на заем до крајот на оваа сезона, најавија португалските медиуми, откако понудата на „лавовите“ за размена со Брага за нивниот напаѓач во која беше вклучен нашиот десен бек пропаднала.

Како што информира „О'Жого“ во моментов најактивни се преговорите на Спортинг со Олимпијакос за Ристовски, зашто тренерот на пирејските „црвено-бели“ Педро Мартинс ептен сака да го види во своите редови македонскиот десен бек. И во моментов се преговара само за заем, а на лето да се решава подолгорочната иднина, што многу не им се допаднало на луѓето во Спортинг, кои сакаат да го продадат Ристовски.

Но, фактот дека Ристовски нема настап за Спортинг од август и е тргнат од првиот тим од тренерот Рубен Аморим, поради недисциплина (никогаш не беше откриено што точно се случило за ваков потег), ги става „лавовите“ речиси во ќорсокак да не може премногу да бараат и да немаат други опции, освен да го дадат Македонецот на заем.

Спортинг пред два дена го понудил Ристовски со уште еден фудбалер Родриго Фернандеш плус осум милиони евра за да го добие напаѓачот на Брага, Паулињо за возврат, но од Брага оваа понуда ја одбиле, па така останува засега најреална опцијата за заминување во Грција, ако во следните денови не се случи нешто ново и друг(и) клуб(ови) да влезат во трка во завршницата од овој зимски преоден рок.

Ристовски со Македонија ќе игра на Евро 2021, а освен Олимпијакос досега се споменуваа Динамо Москва и АЕК Атина како потенцијални дестинации, иако од Португалија имаше најави за трансфер и во италијанското Калчо или во германската Бундеслига.

До крајот на преодниот рок остануваат уште девет дена