Статистиката не лаже: Пандев е спасот за Џенова – повеќе од пола бодови се негово дело!

Иако веќе пред пензија, капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев е најдобриот фудбалер на Џенова и веројатно клучен човек во трката на најстариот италијански калчолигаш да обезбеди опстанок во Серија А, а статистиката сето тоа го потврдува.

Пандев вчера со гол од првиот допир на топката по четири минути игра против Калјари даде гол за голема победа на Џенова, со која овој калчолигаш остана во тесната трка за опстанокот. За Пандев тоа беше шести гол сезонава, а италијанските медиуми пресметаа дека од 19-те бода што досега ги има овој калчолигашки клуб дури десет се благодарение на Пандев и неговите голови. Или повеќе од половина.

Капитенот на македонската селекција вчера го одигра 120-от меч за Џенова.

„Јас не дадов многу голови во кариерата, но среќен сум што мојот тим освојува бодови кога погодувам. За секој напаѓач најважни се головите, но над сè е тимот. Во изминатиов мецес направивме добри работи“, вели Пандев.

Најдобрата голгетерска сезона на струмичанецот кој веќе две децении е во Италија е сезоната 2007/08 во дресот на Лацио, кога даде 14 гола, а моментно голгетерски ова му е најдобрата сезона откако е во Џенова и како тргнал може да стигне до двоцифрен број на голови. А, навивачите се надеваат дека до крајот на сезоната секој негов гол ќе донесе бодови, а клубот на крајот ќе остане дел од елитното Калчо.

И нема соиграч на Пандев кој не го посочува македонскиот репрезентативец како човек кој треба да биде пример за сите.

„Не треба да се зборува за Пандев, ова не е нешто импресивно, зашто кога сте секој ден со него, гледате како тренира, што јаде, како се однесува – ништо не е случајно. Тој е само еден голем пример за целиот клуб и како фудбалер и како човек, како треба да се однесуваме. Ништо повеќе“, вели соиграчот на струмичанецот Иван Радовановиќ.

Пандев во кариерата од 2001 година кога дојде во младинскиот тим на Интер од струмичка Беласица, само една година не беше дел од Калчолигата, кога замина од јуни 2014 до јуни 2015 во турски Галатасарај. Има едно „скудето“ со Интер, една ЛШ со Интер, светска клупска титула со Интер (сите во 2010), пет трофеи во Купот на Италија (една со Лацио, по две со Интер и Наполи), еден италијански Суперкуп (Интер). Во Серија А има 430 меча и 101 гол, а севкупно во кариерата досега 581 меч и 134 гола.