Станковски имал неверојатна среќа, раскажа како го избегнал земјотресот (ВИДЕО)

Младиот македонски фудбалер Лука Станковски имаше огромна среќа затоа што не беше во Турција за време на големиот земјотрес кој ја погоди државата, а во разговор со „Сител“ раскажа како го избегнал потресот.

Станковски по натпреварот во Анталија решил да се врати во Скопје, а двата слободни дена го спасиле од разорниот земјотрес.

„Прво сакав да одам во Газиантеп, по што ни кажаа дека ќе летаме преку Истанбул. Бев на половина пат од Скопје и решив да се вратам дома. И за среќа го избегнав земјотресот и не доживеав стрес. Добив многу пораки по земјотресот, сите ми пишуваа дали сум добро, а јас потоа дознав што се случило, ова е голема трагедија“, вели Станковски.

Македонскиот фудбалер кажа дека ситуацијата е ужасна во регионот кој беше погоден од земјотресот, а исто така откри дека е во постојана комуникација со клубот и им било кажано дека треба да се вратат на тренинг в петок, иако тоа е малку веројатно поради хаотичната ситуација во Турција.

„Ситуацијата е многу лоша, аеродромот е затворен. Ни кажаа в петок да дојдеме на тренинг, но тешко дека ќе се случи такво нешто“, кажа младиот фудбалер.

Станковски веќе една година живее и игра за Газиантеп, каде што се пресели од екипата на Работнички.