Шок за Лидс, ама и за Ангеловски: Алиоски се повреди!

Македонскиот репрезентативец Егзијан Алиоски се повреди после 12 минути попладнево на мечот за Лидс на гостувањето кај Брентфорд и ова е голем пех за англискиот клуб кој се бори за директен пласман во Премиерлигата, но и шок за македонскиот селектор Игор Ангеловски на нешто повеќе од еден месец до стартот на подготовките за клучните две дербија во евроквалификациите со Полска и Австрија.

Алиоски сезонава не пропушти ни еден од 43-те меча за Лидс во Чемпионшип и на сите беше стартер, но денеска само 12 минути одгра, па поради повреда мораше да биде заменет. Првите информации кои се појавија е дека за него е завршена сезоната, но сега останува да се чекаат лекарските прегледи и да се утврди степенот на повреда.

Ако Алиоски има посериозна повреда, за која причината може да биде и пренапорната сезона, тоа ќе биде голем пех, зашто ќе биде во цајтнот за да се врати на терените за мечевите во јуни со Полска и со Австрија во Скопје.

Македонскиот репрезентативец по замената веднаш стави лед на листот на левата нога, проблем каков што имаше Илија Несторовски пред крајот на минатата сезона и паузираше скоро два месеци.