Шок во Мадрид: Винисиус бесен го опцул Алонсо и најавил – заминување од Реал!

Една од најголемите теми по вчерашното „Ел Класико“ не е триумфот на Реал Мадрид над Барселона (2-1), туку изливот на бес на Винисиус Жуниор кога дозна дека мора да ја напушти играта.

Бразилецот ги шокира сите на клупата на „кралевите“ со реакцијата при замената, а шпанските медиуми откриваат дека дури и го навредил тренерот Чаби Алонсо, извикувајќи дека ќе го напушти клубот.

„Јас? Јас? Тренеру, тренеру!“, извикал Бразилецот, видно шокиран од одлуката.

Неколку секунди подоцна, според телевизијата „ДАЗН“, тој бурно реагирал, удирајќи се во градите и упатувајќи пцовка кон својот тренер:

„Е*и се!“, му рекол на Алонсо пред камерите.

Винисиус, без да се поздрави со никого, тргнал кон соблекувалната, каде, според истиот извор, изговорил шокантни зборови:

„Си одам од тимот... Подобро е да заминам од Реал!“, дополни бразилскиот интернационалец.

Ситуацијата се заканила да ескалира, но се вмешал тренерот на голманите, Луис Лопис, кој веднаш заминал по играчот во соблекувалната. По краток разговор, успеал да го смири и да го врати на клупата, каде Винисиус седнал со израз на каење. На прес-конференцијата по натпреварот, Алонсо избегна да ја продлабочи полемиката:

„Ќе го решиме тоа меѓу нас, во соблекувалната. Сѐ ќе остане внатре во тимот,“ изјави стратегот на Реал, одбивајќи да коментира повеќе.

Бразилецот оваа сезона одигра 13 натпревари, но во дури седум случаи бил заменет пред крај. Неговиот темперамент веќе подолго време е предмет на дискусија во Шпанија, но, како што велат медиумите, „никогаш досега не бил вака гневен“.

ФОТО: EPA PHOTO