Шок во Италија: Србинот Влаховиќ добил смртни закани од навивач на Јувентус!

Српскиот фудбалер и напаѓач на Јувентус, Душан Влаховиќ, се најде во центарот на вниманието во Италија по инцидентите на саботниот натпревар против последнопласираната Венеција (2-2).

По завршувањето на мечот, фудбалерите на домашниот тим се упатија кон секторот каде што беа сместени најверните навивачи. Наместо поддршка, ги дочекаа лавина навреди. Најмногу критики претрпе токму српскиот напаѓач, кој, според италијанските медиуми, добил смртни закани. Како што пренесува „Газета дело Спорт“, специјалните единици за истраги и операции започнале истрага против еден навивач кој му упатил закани за живот на Влаховиќ по мечот. Истрагата вклучува анализа на видеоснимки од трибините за идентификација на сторителот.

Ремито против Венеција беше четврти нерешен резултат по ред за „Старата дама“. Влаховиќ постигна гол во четвртата минута од судиското продолжение, со што го спаси Јувентус од пораз. Србинот е најдобар стрелец на Јувентус оваа сезона, со 11 гола на 19 натпревари.