Шалке објави фрапантни податоци - најгледан нисколигаш во историјата

Неколку години Шалке е далеку од германскиот фудбалски крем, но љубовта на навивачите кон својот омилен клуб не спласнува.

Седумкратниот шампион на Германија годинава беше на работ на банкрот, но успеа да се одржи во професионалниот фудбал во земјата, благодарение на своите фанови. Бројките кои ги објави Шалке пред завршувањето на сезоната се неверојатни. На 17 натпревари на домашен терен, натпреварите на Шалке ги проследиле 1.045.465 гледачи или во просек по 61.502 на меч. Ако се има предвид дека капацитетот на Фелтинс арената изнесува 62.771 место, тоа значи дека на секој натпревар, трибините биле исполнети речиси до последното место. Со тоа, Шалке е убедливо најгледан во историјата кога станува збор за екипи што не играат во најсилна конкуренција во своите земји.

На коло пред крајот на сезоната, тимот од Гелзенкирхен е на 10. место и го обезбеди опстанокот, а се очекува идната сезона да биде уште посилен и поквалитетен.