Алкараз сензационално елиминиран од Париз, му „виси“ и второто место

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз доживеа сензационална елиминација од Матсерсот во Париз откако вечерва загуби од домашниот тенисер Уго Имбер со 1-2 (1-6, 6-3, 5-7).

Мечот траеше два часа и 19 минути, а Алкараз можеше да помине многу полошо ако се знае дека првиот сет буквално го преспа и го загуби со само еден освоен гем. Во вториот почна да игра и по брејкот во шестиот гем, стигна до израмнување. Третиот сет беше и најдолг, 64 минути, а во него Имбер направи брејк во последниот, 12. гем и со тоа ја заклучи победата, една од најголемите во неговата кариера.

Со тоа, Алкараз не само што не ја искористи шансата да му се доближи на Синер, туку сега му „виси“ второто место на АТП листата бидејќи Александер Зверев се доближи на само 300 бода и со пласман во финалето ќе може да го помине Шпанецот.

Што се однесува до Имбер, тој во четвртфиналето ќе се сретне со Томпсон од Австралија, а носен од бучната домашна публика, има шанса да стигне до самата завршница.