Сезоната е во знакот на Ливерпул, ама пак Сити постави – невиден рекорд!

Оваа премиерлигашка сезона е во знакот на Ливерпул, кој веќе се круниса за англиски владетел, првпат по три децении и сега брка до крајот на сезоната што се доигрува да ја мине магичната граница од 100 бода во сезона како шлаг на извонредната сезона.

Но, иако „црвените“ се во фокусот и ја одбележаа сезоната, нивниот главен конкурент Манчестер сити повторно постави невиден рекорд. Во триумфот со 5-0 против Њукасл, четата на Пеп Гвардиола успеа да запише нешто, што е невидено во историјата на англискиот фудбал.

Ниту една екипа досега немала пет стрелци со двоцифрен број на постигнати голови, ама вчера тоа им успеа на „граѓаните“, како доказ за неверојатната гол-машинерија на бившиот англиски шампион.

Листата на стрелци, Кун Агуеро ја предводи со 16 гола, Рахим Стерлинг има 14, Габриел Жесус и Кевин Де Брајне по 11, а Ријад Марез стигна до десет.