Седлоски со тројца дебитанти и со Николов и Дориев ќе ја нападне Данска (ФОТО)
На списокот има неколку промени во однос на претходните повици од времето на Благоја Милевски. Во националниот тим повторно се враќаат искусните Бобан Николов и Љупче Дориев, додека дресот на Македонија за првпат ќе го облечат три нови играчи. Станува збор за фудбалерот на Шкендија, Имран Фетаи, напаѓачот Дани Мусовски од американскиот клуб Сиетл Саундерс, како и десниот бек Себастијан Херера, фудбалер на Борац Бања Лука, кој поседува македонски пасош.

Првиот собир на репрезентативците под водство на Седлоски е закажан за в понеделник во хотел „Хилтон“ во Скопје. По кратките подготовки во главниот град, селекцијата ќе отпатува за Копенхаген каде ќе го одигра полуфиналниот бараж против Данска. Доколку Македонија успее да ја совлада данската репрезентација, во финалето од баражот ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска. Поразените селекции од овие пресметки ќе одиграат меѓусебен пријателски натпревар.
