Се ближи разврската: Арсенал испрати прва официјална понуда за Винисиус
Според информациите, понудата на лондонскиот клуб изнесува вкупно 145 милиони евра, од кои 135 милиони се фиксна сума, а преостанатите 10 милиони се предвидени како бонуси. Тоа претставува една од најголемите понуди во историјата на Арсенал.
Интересот на „топчиите“ доаѓа во период кога преговорите меѓу Винисиус и Реал Мадрид за продолжување на договорот се во застој. Бразилецот има уште една година од актуелниот договор, а доколку не биде постигнат договор за нова соработка, мадридскиот клуб би можел да размисли за негова продажба уште ова лето за да избегне ризик да го загуби без обештетување.
Медиумите наведуваат дека Арсенал внимателно ја следи ситуацијата веќе подолго време и е подготвен да реагира доколку преговорите меѓу Реал и Винисиус целосно пропаднат. Сепак, засега нема официјална потврда дека шпанскиот гигант е подготвен да ја прифати понудата.
Во наредните денови се очекува клучна средба меѓу раководството на Реал Мадрид и Винисиус, која би можела да го одреди неговиот статус и да покаже дали ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“ или ќе биде отворена вратата за еден од најспектакуларните трансфери ова лето.