Сари се пошегува со Мурињо: Брзо ќе се врати на клупата, ама не во Челси!

Италијанскиот менаџер на лондонски Челси, Маурицио Сари изјави дека посакува брзо да го види контроверзниот колега Жозе Мурињо, кој доби отказ пред три дена од Манчестер јунајтед, но реши малку и да се пошегува дека не сака да го види на негово место на „Стемфорд бриџ“.

Сари за англиските медиуми изјави дека жали што Мурињо нема повеќе да биде на клупата на Манчестер јунајтед,објавувајќи дека многу го цени како стратег.

„Како што сите знаете, Мурињо освои сè, освои сè – секаде! Па, јас многу го сакам и почитувам и како тренер и како човек. Но, тој беше во право кога рече дека Манчестер јунајтед има иднина и без него. А, и дека Мурињо има иднина без Манчестер јунајтед. Многу ми се допаѓа, би сакал брзо да го видам на клупата, можеби во Англија, ама не во Челси“, рекол Сари.

Манчестер јунајтед експресно на местото на Мурињо го наименува Оле Гунар Солскјер за кормилар на „црвените ѓаволи“ до крајот на оваа сезона.