Роналдињо на 46 години ја почнува новата епизода: „Многу сум среќен што сум тука“
Роналдињо беше пречекан на аеродромот во Форли, по што замина за Равена, каде што беше претставен како нов член на клубот кој се натпреварува во Серија Ц.
„Многу сум среќен што сум тука со моите пријатели. Се надевам дека работите ќе одат добро со тимот“, порача Бразилецот при пристигнувањето.
Иако неговото доаѓање предизвика огромно внимание, сè уште не е потврдено дали Роналдињо навистина ќе настапува на натпреварите. Тој остави отворена можност повторно да го облече дресот и да постигне уште еден гол во кариерата.
„Ако можам да го постигнам мојот 300-ти гол, тоа би било уште поубаво“, изјави Роналдињо.
Неговиот последен официјален настап беше во 2015 година во дресот на Флуминенсе. Сега, 11 години подоцна, легендата на Барселона, Милан и бразилската репрезентација се враќа во Италија со желба да му помогне на Равена. Претседателот на клубот Игнацио Чипријани потврди дека Роналдињо нема да настапи на првиот натпревар против Реџана, но неговата улога во клубот е многу поширока од онаа на фудбалер. Бразилецот ќе стане и акционер во Равена, додека клубот има амбиции за враќање во Серија Б. Чипријани нагласи дека ангажманот на Роналдињо не е само маркетиншки потег, туку проект со кој клубот сака повторно да ја разбуди страста за фудбал во градот.