Револуција во Серија А: Ќе се намалува лигата, а ќе има и плејоф?

Италијанските медиуми објавија дека на Чизмата се размислува за можни промени во Серија А. Финансиската криза поради ковид-19 остави голема трага кај тимовите, кои се соочуваат со проблеми и ќе мора нешто да се менува.

Раководството на калчолигата размислува каква промена да направи во натпреварувањето за да го задржи на високо ниво, а една од опциите е да се намали бројот на учесници.

Серија А има 20 учесници, но се размислува да се намали бројот на 18 тимови, и тоа би требало да се реализира од сезоната 2023/24, а исто така Италијанците сакаат да воведат и плејоф.

„Постои идеја, а проектот наскоро ќе го претставиме на сите. Ако се оствари, тогаш од 2023/24 ќе имаме Серија А со 18 тимови, но планот е да работиме на реформа на италијанскиот фудбал, а не само на Серија А. Многу федерации размислуваат за лига со 18 тимови, но и воведување на плејоф и плеј-аут“, вели претседателот на италијанскиот фудбалски сојуз, Габриеле Гравина.