Револуција во Франција: Навивачи контролираат како ќе игра нивниот тим!?

Можеби звучи лудо, но во Франција постои клуб, кој навистина го предводат навивачите. Авангард Каен е екипа, која настапува во шестата лига на Франција, а на малиот стадион околу 600 луѓе секогаш навиваат за својот тим.

А, тие имаат направено специјална просторија, во која работат неколку луѓе, кои се постојано во комуникација со тренерот.

Тие луѓе ја користат апликацијата „Јунајтед менаџер“, на која навивачите го „предводат“ тимот. Тоа изгледа како популарната игра „Фудбал менаџер“, а фановите може да менуваат формација, прават измени, да напаѓаат или да се бранат.

Оваа апликација е направена токму за екипата Авангард и на неа може да се приклучат вкупно 1.200 корисници, па преку неа навивачите одлучуваат како ќе играат нивните фудбалери.

Одлуките се донесуваат во живо и преку анкета, која се поставува на апликацијата, а тренерот на клупата ги добива информациите и прави што сакаат навивачите.

„Тоа е како остварување на сонот. Имаме моќ да направиме што сакаме за својот тим“, кажа еден од навивачите.

Инаку, ефектот бил одличен бидејќи клубот засега има седум победи по ред во лигата.